По долга пауза, Ти Џеј Шортс се враќа во македонската репрезентација и тоа во момент кога е најпотребен на националниот тим.
Натурализираниот македонски интернационалец денеска пристигна во Скопје и веднаш му се стави на располагање на селекторот Јончевски и од него многу се очекува на последните два меча од квалификациите. И тој ја чувствува важноста на пресметките со Естонија и Полска и сака да помогне да се оствари главната цел – пласман на Европско првенство по пауза од една деценија.
„Дефинитивно сум возбуден што пак ќе играм за нешто повеќе од тим, тоа е државата. Се надевам дека ќе помогнам и ќе го направиме нашиот дел да победиме со Естонија и Полска и ќе видиме што ќе биде. Чекам на предизвикот. Мене ми е исто дали играрм за Париз и Македонија, ќе се потрудам да помогнам. Нено е лидер на тимот, а јас ќе го дадам моето да му помогнам да го симнам товарот од него. Не сакам да зборувам за очекувања, туку сакам да помогнам да се победува. Знам дека Естонија е млад и гладен тим за успеси. Ќе мора да имаме добра енергија, затоа што знам дека имаат одлична публика. Последен пат кога играв со Естонија во дресот на Македонија, го почувствував тоа. Ни дадоа ‘удар по устите’ многу рано и бевме во проблеми. Сега сакам да биде поинаку“, рече Шортс.
Кошаркарот на Париз блескаше во претквалификациите кои завршија пред две години, а во меѓувреме се промовираше во еден од најдобрите европски плејмејкери што ќе му даде дополнителна тежина на македонскиот тим.


