На денешниот тренинг во Унибет арената во Талин, селекторот на македонската репрезентација Александар Јончевски имаше средба и со естонските новинари кои сакаа да знаат нешто повеќе за тактиката која ја подготвува за утрешниот натпревар.
Јончевски искусно ги избегна одговорите, но посочи дека од главните точки на кои ќе се сведе натпреварот меѓу Естонија и Македонија.
„Се фокусираме на одбраната, но не би сакал многу да зборувам околу плановите за тоа како ќе му пристапиме на натпреварот. Главни ќе бидат добрата енергија и мотивацијата. Најголем проблем очекувам да ни биде играта под кошевите бидејќи Естонците се агресивни во нападот, а нам ни недостасува странец на центарската позиција. Знам дека противникот ја знае нашата слаба точка, но ќе се обидеме да ја покриеме“, им рече Јончевски на естонските новинари.
На центарската позиција, Македонија ги има само Бојан Крстевски и Страхил Николов, додека Теодор Симиќ отпадна во последен момент поради болест.


