По една полусезона во тимот на Пелистер, повремениот македонски репрезентативец Виктор Ташовски најверојатно ќе се врати во тимот на ТФТ каде настапуваше претходните четири сезони.
Во текот на летото, 23-годишниот битолчанец одлучи да заигра во родниот град и да го облече дресот на Пелистер и беше меѓу најстандардните на почетокот од сезоната, но по доаѓањето на Ненад Трајковски неговиот статус драстично се промени. Минутажата му е сведена на минимум, против Феникс настапи две минути, а во завршницата од Купот на Македонија, на два меча вкупно на теренот помина само 75 секунди.
На 17 натпревари оваа сезона во Првата лига, плејмејкерот имаше ефект од 5,4 поени и 2 скока, додека во АБА 2 одигра шест меча со просек од 5,8 поени, 1,7 асистенции и 1,3 скока. Со оглед на тоа што одлично го познава тимот на ТФТ и тренерот Боро Смилковски, се очекува Ташовски веднаш да биде ставен во погон и да биде засилување пред најважниот дел од сезоната во Првата лига.


