Македонската сениорска кошаркарска репрезентација вечерва од 18 часот го игра најважниот натпревар во квалификациите за Европското првенство.
Националниот тим гостува кај Естонија во надеж дека ќе ги надополни петте поени негатива од првиот меч одигран во Скопје во ноември 2023 година и со тоа ќе ги продолжи надежите за пласман на континенталниот шампионат. Ова е шанса Македонија да се врати на европските првенства по пауза од точно една деценија, а а денешниот натпревар слободно може да се нарече „меч на генерацијата“ бидејќи голем дел од овие кошаркари имаат историска шанса првпат во своите кариери да се појават на најголемата европска кошаркарска смотра.
Победа на натпреварот во Талин сам по себе не носи пламан на Европското првенство бидејќи потоа ќе ни треба триумф и против Полска и пораз на Естонците од Литванија во последното коло. Но, само со победа вечерва Македонија останува во игра за место на шампионатот бидејќи во спротивно уште вечерва ќе можеме да почнеме со подготовки за учество во претквалификациите за Светското првенство во 2027 година.
Нашата репрезентација на дуелот со Естонија ќе биде засилена со Ти Џеј Шортс, еден од најдобрите плејмејкери во европската кошарка во моментов, но ќе има проблем на центарската позиција. Хап поради повреда не се стави на располагање, а дополнителен проблем е отсуството на Теодор Симиќ поради болест. Во такви услови, сите што ќе се појават на терен ќе треба да одиграат максимално одговорно и пожртвувано за да се дојде до посакуваната цел.
Натпреварот меѓу Естонија и Македонија се игра во арената Унибет во Талин, а според најавите оттаму, ќе биде исполнета до последното место што значи дека ќе има околу 7.000 навивачи на домашната репрезентација.


