Кошаркарот на МЗТ Скопје, Андреј Маслинко беше еден од најдобрите играчи во македонската репрезентација на дуелот против Естонија, но ни неговата игра не беше доволна за посакуваниот триумф.
Крилниот играч добро се носеше со естонските високи кошаркари и ја потврди одличната форма во која настапува во последно време, но не ја доби потребната помош од соиграчите, особено под кошевите.
„Добро го почнавме натпреварот и ја контролиравме играта во првото полувреме, водевме со еден поен на пауза, но во продолжение сето тоа падна во вода бидејќи доживеавме пораз од 20 разлика и ги загубивме сите шанси за Европското првенство. Штета што не успеавме овојпат и се надевам дека следниот пат ќе го направиме тоа“, рече Маслинко по мечот во Талин.


