Македонската репрезентација со победа ги заврши квалификациите за Европското првенство откако вечерва на домашен терен ја совлада Полска со 88-74.
Тоа е втор триумф за нашиот национален тим во овој циклус и втор против Полска која имаше обезбеден пласман на континенталниот шампионат како ко-домаќин на ова натпреварување. И вечерва, како и на натпреварот што се одигра во ноември 2023, Македонија постојано беше во водство и заслужено стигна до победата. Точно е дека Полска во Скопје дојде со драстично ослабен состав, но денешниот триумф е потврда дека не е се така црно во македонската репрезентација и дека имаме иднина во националниот тим.
Тоа може да се забележи според придонесот на играчите кои досега беа во втор план, а вечерва блеснаа. Покрај стандардните Ти Џеј Шортс и Ненад Димитријевиќ, се истакнаа крилните играчи Андреј Маслинко и Лејсон Зеќири кои би можеле да бидат меѓу лидерите во иднина. Маслинко го заврши натпреварот со 22 поена, без промашување од игра и индекс 29 што е негов најдобар натпревар во репрезентативниот дрес, додека Зеќири постигна 17 поени и 7 скока и индекс 25.
Ако е некоја утеха, Македонија го заврши квалификацискиот циклус на третото место во групата што, сепак, не ни донесе никаков бенефит. Колку денешниот триумф ќе се преслика на резултатите во иднина, ќе знаеме веќе во август кога ќе се играат претквалификациите за Светското првенство во 2027 година.


