Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ е втор стрелец во квалификациите за Европското првенство според вкупниот број на постигнати поени или трет по просекот во дуелите за пласман на континенталниот шампионат.
Нашиот кошаркар го заврши циклусот со 131 поен и покрај тоа што по првите четири кола беше убедливо прв со 100. Го претрка хрватскиот репрезентативец Марио Хезоња кој на последните два меча, против Франција и Кипар постигна вкупно 77 поени и финишира со вкупно 149. Синоќешниот меч против Кипар немаше никакво значење за Хрватите кои не успеаја да се пласираат на Европското првенство, но играчот на Реал сепак му пристапи максимално сериозно и заврши со 40 постигнати поени, плус 11 скока и 7 асистенции.
На крајот Хезоња е прв по просекот на постигнати поени во овие квалификации со 29,8, втор е Клемен Препелиќ од Словенија со 26,3, но тој играше на само четири натпревари, а трет е Ненад Димитријевиќ со 26,2.
Македонскиот репрезентативец има и трет највисок индекс во овие квалификации, а пред него и тука се Хезоња и Препелиќ. Хезоња заврши со 30,2, Препелиќ со 24, а Димитријевиќ со 22,4, колку што има и Торнике Шенгелија.


