По тринеделната пауза, предизвикана од завршницата на Купот на Македонија и квалификацискиот „прозорец“ на ФИБА, дел од клубовите го очекуваат продолжението од првенството со неколку принови во своите состави.
Работнички беше најактивен и се засили со двајца кошаркари кои треба да помогнат за што подобар пласман оваа сезона. Нови играчи на 15-кратниот македонски шампион се канадскиот интернационалец Џулијан Рош и Американецот, Кори Мениго.

Двајцата играат на позициите 4 и 5, а треба да бидат замени за Имран Полутак, кој си замина од Работнички и Миѝан Марковиќ кој има повреда и за него најверојатно сезонава е завршена. Рош доаѓа од грчкиот Ниар Ист каде настапувал до минатата недела, со просек од 11,9 поени, 9,7 скока и индекс 19,3. Мениго играл во Израел, во тимот на Отеф Даром за кого настапил на пет меча до почетокот на 2025 година. Тој има долго искуство во странство бидејќи освен во Израел, настапувал уште во Бугарија, Кипар, Чешка, Германија, Либан, Литванија, Мексико, Катар и Тунис.
Рош и Мениго би требало да дебитираат за Работнички претстојниот викенд, на дуелот против Тиквеш, во 18. коло од Првата лига.


