Екипата на Чаир е прв и засега единствен тим кој сезонава успеа на двата прволигашки дуели да го совлада тимот на ТФТ.
На домашен терен, чаирчани славеа убедлива победа со 84-62 и се вратија во игра дури и за второто место на табелата. Разликата со вечерашниот ривал изнесува два бода, на четири кола пред крајот на основниот дел од првенството.
Чаир денеска славеше благодарение на фуриозниот вовед во мечот, односно воведната четвртина која ја доби со 31-9. ТФТ беше конкурент само до третата минута кога резултатот беше 5-3 бидејќи потоа домашниот тим со три серии од 7-0, 8-0 и 11-0 отиде на огромни +22 по само десет минути игра. До крајот на мечот, разликата не се симна на едноцифрена вредност со тоа што највисоката предност Чаир ја достигна во самиот финиш кога поведе со 25 поени (83-58).
Интересно е тоа што сите поени за Чаир ги постигнаа играчите од стартната петорка и сите имаа двоцифрен ефект. Најефикасен беше Мофит со 23 поени и 10 скока, Ролинс додаде 19 поени, а дабл дабл имаше и Јоу кој реализира 13 поени и 11 скока. На спротивната страна, Браун беше единствен со двоцифрен број поени – 12.


