Актуелниот првак на Македонија, МЗТ Скопје го доживеа вториот пораз во последните три кола откако вечерва загуби од Кожув со 71-74, во репризата на финалето од Купот на Македонија.
Гевгеличани со тоа се одмаздија за поразот во тој натпревар, одигран пред 20-тина дена, а ја остварија својата најголема победа сезонава. Да биде успехот поголем, Кожув славеше и покрај тоа што во еден дел од мечот губеше со 15 разлика што против МЗТ Скопје е огромна негатива.
Слично како во финалето од Купот, шампионот отвори одлично и по пет минути имаше предност од 13-0. Кожув за момент се консолидираше, но во третата минута од вториот квартал аеродромци ја достигнаа највисоката предност (31-16). Тоа како да беше аларм за гевгелискиот тим кој заигра многу подобро, почна да ја топи негативата и на голем одмор замина со само -4 (33-37).
Првото водство дојде на три минути пред крајот на третата четвртина (48-47), а на стартот од последниот период беше и 59-55 за Кожув. МЗТ Скопје одговори со серија од 9-0 за враќање на предноста и многумина помислија дека домаќините нема да имаат сила за уште еден пресврт. Тоа се покажа неточно бидејќи Кожув подоцна направи серија од 8-0 за водство од 70-66, Маслинко и Андоноски намалија на само поен разлика, но Пилепиќ и Кузманов на спротивната страна се погрижија МЗТ Скопје да остане без победа во Гевгелија. Мора да се истакна и тоа што на околу три минути пред крајот, Војдан Стојановски беше исклучен поради две технички грешки по ред со што и работата на Кожув беше делумно олеснета.
Вилсон со 18 поени го предводеше Кожув, Пилепиќ и Колев додадоа по 17, а Стевановиќ 12. Кај МЗТ Скопје, на ниво беа само Едвин и Маслинко, првиот постигна 23 поени, а вториот оствари дабл дабл со 21 поен и 11 скока. По овој пораз, шампионот му даде шанса на ТФТ, па во следното коло овие две екипи во меѓусебен дуел ќе одлучуваат за првото место пред плејофот.


