Во дербито на 17. круг од Втората македонска кошаркарска лига, тимот од Драчево убедливо го совлада директниот ривал за врвот, Соколи од Штип со 95-67.
Тоа беше можеби најдобар меч за Ангели оваа сезона, имајќи го предвид ривалот со кој се соочи бидејќи победата во ниеден момент не беше доведен во прашање. Соколи беа конкурентни само во првата четвртина која заврши со 31-26 во корист на домашниот тим. Во вториот период, штипјани беа задржани на само 13 постигнати поени, Ангели на голем одмор заминаа со +14 (53-39) за во третата четвртина да стават крај на сите дилеми околу победникот.
Таулант Ибраими со 27 поени беше прв стрелец на мечот, Богатиновски додаде 19, Наумоски 18, а Атанасов. 12. Најефикасен кај Соколи беше поранешниот македонски репрезентативец Никола Караколев со 14 поени.
Ангели сега се на делба на првото место на табелата со 31 бод, колку што има и Маџари кој денеска го совлада МЗТ Скопје УБ со 92-91. Во случај овие две екипи да завршат со ист број бодови, првото место ќе му припадне на Маџари кој е подобар во меѓусебните дуели затоа што славеше со 11, а загуби со два разлика.


