Најтрофејниот македонски клуб Работнички оствари исклучително важна победа во битката за висок пласман откако вечерва го совлада Пелистер во Битола со 90-83.
Центарци заминаа во Битола со само осум кошаркари, но секој од нив го даде својот максимум на теренот и имаше придонес во победата. И тренерот на Пелистер ротираше само осум играчи , но едвај двајца од нив беа расположени за игра.
Во такви услови битолчани подобро го почнаа натпреварот и пред крајот на првата четвртина го достигнаа највисокото водство (25-16). Работнички одговори со 7-0, во 13. минута го презеде водството, а на голем одмор замина со предност од 42-41. Неизвесно беше до средината на третиот квартал по што гостинскиот тим постигна девет поени во низа и првпат на мечот отиде на двоцифрена предност (59-48).
Тука Пелистер како целосно да се распадна, никако не можеше да фати приклучок, па дури ни да намали на едноцифрена негатива, а Работнички на пет минути пред крајот ги достигна највјсоките +14 (76-62). Последниот обид на домаќините беше на 70-78, но Работнички одговори со 5-0 и стави крај на сите надежи дека може да дојде до пресврт.
Сите осум кошаркари на Работнички се запишаа во листата на стрелците, а најдобар беше Рош со 18 поени и 12 скока. Мишковиќ и Гамбрел постигнаа повеќе од половина поени на Пелистер (50), првиот 28 со 11 скока, а вториот 22.
Клучниот меч за третото место, Работнички ќе го има идниот викенд кога во Кале го пречекува МКК Куманово.


