Од тим што беше закован на последното место на второлигашката табела по првата полусезона, со само една победа, Струмица е на добар пат да обезбеди опстанок во оваа конкуренција.
Струмичкиот тим веќе стигна до четири триумфи и со малку среќа би можел да се вмеша и во борбата за плејофот, со оглед на тоа што остануваат уште пет кола до крајот на основниот дел. Вчера Струмица го победи кандидатот за влез во Првата лига, Црн Дрим со 77-74, на крилјата на поранешниот македонски репрезентативец Предраг Пајиќ.
Домашниот тим долго време се мачеше да дојде до посакуваната цел за на 22 секунди пред крајот Пајиќ да постигне тројка за водство од 74-73 по што Струмица успеа да ја сочува предноста, дури и да ја зголеми, за важен триумф.
Пајиќ со 26 поени беше најефикасен на мечот, пред Александровски кој додаде 22, Тодосиев 10 и Ванчов 8. Кај Црн Дрим се истакна Камиловски со 26 поени, Узуноски постигна 15, а Шабани 14.


