Поради трагедијата што се случи во неделата во Кочани, Кошаркарската федерација на Македонија одложи два натпревара од Првата лига што требаше да се играат истиот ден, а сега тоа го направи и со 21. круг.
Поради седумдневната жалост во земјава, забранети се сите настани на јавни места, вклучувајќи и спортски, односно кошаркарски натпревари. Жалоста трае до 23 март, па одложените натпревари ќе се одржат идната недела.
Двата дуела од 20. коло (Тиквеш-Вардар и Работнички-МКК Куманово) е планирано да се играат во периодот од 24 до 27 март, додека одложеното 21. коло ќе биде на програмата викендот на 29 и 30 март. Тоа значи дека крајот на основниот дел од македонското кошаркарско првенство ќе биде пролонгиран за една недела и место на 30 март, тоа ќе заврши на 7 април.
Во исто време, одложени се и натпреварите од Втората лига мажи, Првата А и Б лига жени, како и Третите лиги кои, исто така, ќе се играат во последниот викенд од март.


