Најтрофејниот македонски клуб Работнички ја оствари третата победа во низа откако вечерва на домашен терен го победи МКК Куманово со 80-72
Тоа беше директен дуел за третото место, но сега ситуацијата е крајно замрсена бидејќи на две кола пред крајот на основниот дел, разликата од втората до шестата позиција е само еден бод. Во случај на ист број бодови, Работнички ќе има предност пред МКК Куманово бидејќи на гостински терен загуби со еден, а вечерва победи со осум разлика.
Работнички вечерва заслужено победи, пред се поради тоа што го диктираше темпото и беше во предност безмалку цел меч. Кумановци се држеа до осмата минута кога на семафорот стоеше 14-13, со серија од 8-0 потоа Работнички се одлепи на +9 и до крајот не го испушти водството. На почетокот на вториот период тоа изнесуваше највисоки +16 (33-17), па дури во финишот од третата четвртина, МКК Куманово успеа да се доближи на само шест поени негатива (57-63). Подоцна беше и 62-66, но Работнички го одби тој налет и мирно го приведе мечот кон крај.
Новиот играч Мениго со 17 поени беше најефикасен кај Работнички, но одличен натпревар одигра Џексон Дубински кој постигна 13 поени, 10 асистенции и 5 скока. Радукиќ со 27 поени го предводеше МКК Куманово за кого Урош Луковиќ оствари дабл дабл со 19 поени и 11 скока.


