По турбулентниот период и дебаклот во Купот на Македонија, Работнички полека фаќа ритам и влегува во форма во клучниот период од сезоната.
Денеска тимот од Градски парк го совлада МКК Куманово за трет триумф во низа, серија во која Работнички ги победи и Пелистер и Тиквеш. Со тоа остана во игра и за второто место на табелата за кое ќе се бори во последните две кола. Тренерот Горан Самарџиев е задоволен од прикажаното на денешниот меч, како и од начинот на кој се вклопија последните странски засилувања, но и тој е свесен дека кошарката и спортот воопшти во овие десетина дена се во втор план.
„Ова е важна победа за нас од повеќе аспекти. Меѓу другото и затоа што ја креваме самодовербата пред почетокот на плејофот. Сепак, атмосферата кај нас не е славеничка, не можеме да славиме по она што се случи во Кочани, нашите мисли сега се со семејствата на загинатите во страшната трагедија“, изјави Самарџиев по мечот со МКК Куманово.
Во последните две кола, Работнички гостува во Гостивар и го пречекува Кожув и од исходот на овие два меча ќе зависи од која позиција ќе влезе во плејофот.


