Откако синоќа МЗТ Скопје обезбеди пласман во финалето од плејофот, денеска својот трет и можеби последен натпревар го играат Работнички и ТФТ.
Со оглед на тоа што салата во Градски парк се уште се реновира, Работнички мора да бара алтернативни решенија, но непријатно изненади со тоа што одлучи натпревар од полуфиналето да игра во школска сала, која едвај ги исполнува минималните услови за одигрување натпревари. Јасно беше дека претходно клубот е буквално принуден да игра таму бидејќи претходното раководство на Кошаркарската федерација го избрка од големата сала во Кале поради неплатени долгови, а потоа од одмаздољубивост не му дозволи да игра ни во малата која одеднаш, среде сезона, не ги исполни условите за организирање натпревари од Првата лига.
Сепак, во меѓувреме, по смената на раководството во Федерацијата, Работнички се врати во Кале каде што тренира неколку недели и се очекуваше барем полуфиналето и евентуалното финале да ги игра на теренот каде настапува веќе пет години. Тоа, за жал, не се случи, клубот одлучи против ТФТ да игра во „Независна Македонија“ и таму да ја спасува сезоната. „Борис Трајковски“ е зафатен викендов со настан од забавен карактер, во Кале се игра завршниот турнир од пионерското првенство во машка конкуренција, но финалето е од 16 часот, па салата би била слободна во 20:30 за кога е закажан мечот меѓу Работнички и ТФТ во Кисела Вода. Иронично е тоа што екипата воопшто не тренираше во таа сала бидејќи од конфликтот со КФМ, своите тренинзи ги одржуваше во домот на КК Вардар.
„Независна Македонија“ има една трибина која собира околу 1.000 гледачи и Работнички донесе одлука на натпреварот да има само негови навивачи. Присуството на симпатизери на ТФТ е забрането, барем за оние кои ќе дојдат со обележја на клубот. Сепак, јасно е дека полуфинале од првенство на Македонија не заслужува да се игра во сала во која се одржуваат училишни натпревари. Не доликува ни за натпреварувањето, ни за реномето на клубот кој се уште е рекордер со 15 шампионски титули во земјава.


