Никола Јокиќ повторно покажа зошто е еден од најдобрите кошаркари во светот. Српскиот центар одигра фантастично второ полувреме и го предводеше Денвер до победа од 133-124 над Хјустон во натпревар кој се важеше и НБА Купот.
Дуелот во Колорадо донесе вистинска резултатска неизвесност. Двата тима дури 32 пати се менуваа во водство, а ниту една екипа немаше предност поголема од пет поени сè до последните две минути.
Јокиќ натпреварот го заврши со 26 поени, 11 асистенции и седум скока, но неговиот вистински блесок дојде по паузата. Постигна 24 поени во второто полувреме, од кои дури 18 во третата четвртина, кога Денвер успеа да ја преземе контролата над натпреварот. На спротивната страна, Алперен Шенѓун беше подеднакво импресивен. Турскиот центар забележа трипл дабл со 28 поени, 11 скока и 10 асистенции, но тоа не беше доволно за Хјустон да го избегне поразот. Фред Ванвлит додаде 25 поени, а Амен Томпсон 22.
Хјустон во последната четвртина поведе со пет поени, но домаќините одговорија со серија од 10-0, а потоа ја задржаа предноста до самиот крај. Кристијан Браун и Камерон Џонсон постигнаа по 19 поени за победничкиот состав, додека Арон Гордон заврши со 18.
Со оваа победа Денвер стигна до вториот триумф во исто толку натпревари во групната фаза од НБА Купот, додека Хјустон има учинок од една победа и два порази.
РЕЗУЛТАТИ:
- Атланта – Шарлот 111-97
- Бруклин – Орландо 111-113
- Кливленд – Индијана 128-119
- Детроит – Торонто 102-105
- Чикаго – Вашингтон 94-98
- Оклахома – Њу Орлеанс 126-120
- Јута – Феникс 101-111
- Денвер – Хјустон 133-124
- ЛА Лејкерс – Сакраменто 106-104


