Кошаркарската федерација на Македонија ја започна продажбата на влезниците за натпреварот меѓу македонската репрезентација и Кипар, кој е дел од втората рунда претквалификации за Европското првенство во 2029 година.
Сите заинтересирани љубители на кошарката од денеска можат да обезбедат билети преку онлајн сервисот „МКТикетс“.
Цената на влезниците изнесува 150 денари, независно од блокот или трибината во спортска сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје.
Натпреварот е закажан за 26 ноември (четврток), со почеток од 18:00 часот, а македонските кошаркари ќе имаат можност пред домашната публика да стигнат до нов важен триумф во борбата за пласман на Евробаскетот 2029.
Поддршката од трибините може да биде значаен фактор за избраниците на селекторот Жосеп Марија Берокал во овој квалификациски предизвик. Македонската репрезентација оствари победа на првиот натпревар од претквалификациите и има шанса да направи голем чекор кон пласманот во следната фаза од патот кон Европското првенство во 2029 година.


