По три сезони во Втората лига, екипата на Ангели се враќа во елитната македонска кошаркарска конкуренција, вторпат во својата историја.
Во клучниот натпревар од серијата со Соколи, тимот од Драчево славеше со 82-70 и со вкупни 2-1 излезе како победник. „Мајсторката“ ја одбележаа големите осцилации, Соколи отворија со 17-8, Ангели свртеа на 28-24, но штипјани заминаа на одмор со 41-33.
Предноста беше на страната на гостинскиот тим до средината на третиот период, а потоа Ангели направија серија од 10-0 и поведоа со 54-48. Тоа очигледно беше голем шок за Соколи кои до крајот само еднаш се заканија, но не направија уште еден пресврт.
Со ова Ангели му се придружија на Маџари и идната сезона ќе ги заземат местата на Шкупи и Вардар кои испаднаа во Втората лига.


