Екипата на ТФТ ќе го предизвика МЗТ Скопје во годинешното финале од македонскиот кошаркарски плејоф.
Во третиот меч од серијата против Работнички, тимот од Тафталиџе славеше со 92-73 и со вкупни 3-0 обезбеди пласман во големото финале, првпат во клупската историја. По триумфот во Купот на Македонија во 2022 година, ова е најголем успех за овој клуб кога станува збор за домашното кошаркарско првенство.
До него дојде на доминантен начин и со одлична игра во втората и третата четвртина кои ги доби со вкупен резултат 46-23. Поради тоа, се на овој натпревар беше решено уште на средината од третиот квартал, а во последните десет минути немаше апсолутно никаква неизвесност. ТФТ во еден период имаше и 25 поени предност и му остана само мирно да го приведе мечот кон крај иако тоа не се случи бидејќи на стартот од последната четвртина дојде до тепачка на теренот која ја почнаа Амар Хот и Тома Стојаноски.
Говенс со 18 поени беше најефикасен кај ТФТ, Стојаноски постигна 17, а Зек Браун оствари дабл дабл со 15 поени и 11 скока. Дубински со 15 поени го предводеше тимот на Работнички.
ТФТ во финалето ќе се обиде да ја прекине доминацијата на МЗТ Скопје, додека Работнички против МКК Куманово ќе се бори за третото место на крајот од сезоната. Тимот од Градски парк последен пат играше во финалето во 2019 година, а последната титула е освоена година претходно.


