Години наназад, Андреј Шошкиќ е еден од најнадежните кошаркари во земјава, а иако веќе има долг стаж во Работнички, сезонава ја искористи за своја потполна афирмација.
Последната натпреварувачка кампања во која влегува во конкуренција и го добива признанието за најдобар млад играч во изборот на КОШ.МК е и негова последна во македонската кошарка, имајќи предвид дека претстојното лето заминува во САД и од есен ќе се натпреварува во НЦАА. Сезонавва одигра 30 натпревари во домашното првенство и шест во АБА 2 лигата и во двете натпреварувања имаше завидна минутажа за кошаркар кој неодамна наврши 20 години.
Во првенството на Македонија играше по 28 минути и просечно постигнуваше по 9,9 поени, 4,6 асистенции и 4,2 скока со индекс од 13,9, петти највисок во тимот, но од оние кои ја почнаа и завршија сезоната во Работнички, подобар од него е само Стојан Ѓуроски. Тоа најдобро зборува колкав бил придонесот на Шошкиќ во играта на Работнички, а честитки за тоа и заслужува и довчерашниот тренер на овој тим Горан Самарџиев кој му даде апсолутна слобода и поддршка.


