Струмичанецот на клупата на МЗТ Скопје не само што со својот тим повторно го освои првото место во основниот дел од сезоната, туку од актуелниот шампион направи таква машинерија, што не му се потребни ни странски кошаркари.
Во моментов има само двајца, ама главниот товар во екипата го носат домашните играчи, додека Едвин и Копривица се тука само да го дополнат мозаикот. Огромен придонес за доминацијата на МЗТ Скопје има токму Васко Атанасов што најдобро можеше да се забележи на завршниот турнир од Купот на Македонија кога аеродромци ги совладаа своите ривали со вкупно 74 поени разлика.
Атанасов е во потера по својата трета шампионска титула како тренер на МЗТ Скопје, но што и да се случи во финалето, тој го одбележа основниот дел од првенството и заслужено, втора сезона по ред, го добива признанието за тренер на сезоната во Првата македонска кошаркарска лига во изборот на КОШ.МК.


