Доаѓањето на Дерин Говенс му го донесе на ТФТ потребниот лидер на теренот, а со тоа беше направен најголемиот чекор кон историскиот пласман во финалето.
Говенс е еден од најдобрите странци кои настапувале во македонското кошаркарско првенство и штета е што во земјава дојде на залезот на својата кариера, на 37-годишна возраст. И покрај тоа, евидентно е дека се уште се наоѓа во одлична физичка форма, а искуството што го носи со себе беше од огромна важност за тимот од Тафталиџе.
Сезонава Говенс одигра 27 натпревари во Првата лига со ефект од 15,8 поени, 5,6 асистенции и 3,3 скока со индекс 19,1, највисок во неговата екипа која го освои второто место по основниот дел од првенството и веќе обезбеди пласман во финалето. Она што не се мери со бројки е сигурноста која му ја донесе на ТФТ, а сето тоа му го обезбеди признанието за МВП на сезоната во изборот на КОШ.МК.


