Тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов го дели уште една серија до историски успех на клупата на клубот од Аеродром.
Тој може да стане прв тренер во постоењето на МЗТ со три освоени шампионски титули, од пред неколку месеци е најтрофеен со вкупно пет трофеи (не сметајќи ги оние од Суперкупот на Македонија кој нередовно се одржуваше во минатото), а покрај неговото име стои еден податок кој досега бил недостижен и за некои од најдобрите тренери во земјава.
Атанасов го презеде МЗТ Скопје по првиот меч од четвртфиналната серија во плејофот во 2023 година откако Драган Николиќ направи испад на дуелот со Кожув и беше принуден да поднесе оставка. Струмичанецот го доврши плејофот и откако ја освои титулата ја доби довербата на раководството на клубот и остана и во следните две сезони.
До двете шампионски титули претходни, како и до финалето оваа сезона, тој стигна без ниеден пораз. Вкупно го водеше МЗТ на 21 натпревар, првата сезона имаше 6-0 (Кожув 1-0, Работнички 2-0, Пелистер 3-0), лани 9-0 (Гостивар, ТФТ и Пелистер по 3-0) и досега сезонава 6-0 (Феникс и МКК Куманово по 3-0) што значи дека во моментов е со биланс 21-0, низа каква не е забележана досега. Тоа значи дека ТФТ ќе има исклучително тешка задача да дојде до историска титула бидејќи не само што ќе треба да му ја прекине серијата на Атанасов, туку да го победи тимот од Аеродром три пати на максимум пет натпревари.


