МЗТ Скопје денеска го почнува походот по 12. шампионска титула во домашното првенство.
Од 2012 година, клубот од Аеродром е доминантна сила во македонската кошарка, освои 11 од можни 12 трофеи, а сега има шанса вторпат во својата историја да направи низа од шест титули. Противник е ТФТ со кого вечерва од 19:30 часот го стартува финалето, а иако е голем фаворит, тренерот Васко Атанасов повикува на внимателност.
„Пласманот во финалето носи задоволство како потврда на успешната работа до тој момент во сезоната. Но, МЗТ не е клуб што се задоволува само со играње во битката за трофејот, туку со негово освојување што дефинитивно е наша цел во серијата со ТФТ. Во битката влегуваме максимално сериозно, решени да ја финишираме работа онака како што посакуваат сите наши навивачи – со големо славје на крајот. Одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар, свесни дека противникот не само што не е наивен туку е исклучително квалитетен и заслужува респект. Се подготвуваме за секоја можна ситуација и верувам дека ако одиграме како што знаеме, односно како што игравме досега во плејофот тогаш ќе може да го отвориме финалето со триумф. За тоа, секако, ќе ни треба и голема поддршка од трибините поради што ги повикувам сите наши фанови да дојдат вечерва во сала и да ни помогнат да дојдеме до победа“, рече младиот тренер на МЗТ Скопје.
Првите два меча се играат на теренот на бранителот на титулата по што серијата ќе се пресели во Кале.


