Сезоната во македонската клупска кошарка може да заврши вечерва ако МЗТ Скопје слави во третиот натпревар од финалната серија со ТФТ.
Бранителот на трофејот има предност од 2-0 и му недостасува уште една победа за шеста титула по ред и вкупно 12. во историјата. Навивачите очекуваат до неа да дојде денеска со што ќе ја комплетира тројната круна во домашната кошарка и ќе стави крај на уште една успешна сезона. МЗТ Скопје е во долга серија победи во плејофот, последен пат загуби во 2022 година, а и во дуелите со ТФТ има значително подобар биланс.
Новата титула МЗТ Скопје би можел да ја освои во Центар, општината од која е неговиот најголем ривал Работнички и тоа би се случило првпат во историјата. Во салата Кале, аеродромци досега освоија неколку трофеи во Купот и Суперкупот, еден Куп имаат дури и во Градски парк, претходните три години пехарите од првенството ги освојуваше во Битола, пред тоа триумфираше и во Куманово, Гевгелија и Кавадарци, како и во општината Карпош, односно во арената „Борис Трајковски“ каде дојдоа до трофејот во 2014 година против Работнички, но никогаш не се случило во Центар да слават шампионска титула.
ТФТ повторно нема што да загуби бидејќи веќе го оствари својот најголем успех во историјата, кога станува збор за домашното првенство, со пласманот во финалето. Желба на сите во Тафталиџе е скапо да ја продадат кожата и барем еднаш да го совладаат својот ривал бидејќи евентуална победа ќе биде историска за ТФТ во една финална серија од плејофот. Во основниот дел од сезоната, тимот на Боро Смилковски успеа да го победи МЗТ Скопје во Кале и затоа се надева на идентично сценарио вечерва со што ќе го расипе планираното славје на аеродромци.
Денешниот натпревар се игра од 19:30 часот, а ако ТФТ успее да слави, четвртиот меч ќе биде на програмата в понеделник.


