Три сина, тројцата професионални кошаркари и тројцата неверојатно успешни во она што го прават.
Огнен, Дамјан и Војдан Стојановски со големи букви ќе останат запишани во историјата на македонската кошарка и веројатно уште долго и поединечно и како семејство ќе останат недостижни за сите кои се занимаваат со овој спорт. Огнен е највозрасен од нив, одамна не игра кошарка, но во „пензија“ замина како најтрофеен играч во македонското кошаркарско првенство, заедно со Марјан Ѓуров, со 10 шампионски титули.
Од денеска друштво наа рекордерите им прави и Дамјан Стојановски кој дојде до десеттиот трофеј во шампионатот, а неговиот брат-близнак Војдан ја освои петтата титула. Војдан имаше најуспешна интернационална кариера, долго време играше во странство и само затоа е на половина од титулите на своите браќа. Ова значи дека тројцата Стојановски заедно имаат 25 шампионски титули во домашното првенство.
Само Дамјан, сите титули ги освои со еден клуб – МЗТ Скопје со кого учествуваше во 10 од вкупно 12 трофеи во постоењето на колективот од Аеродром. Огнен ги подели со Работнички (5), Фени Индустри (2) и МЗТ Скопје (3), додека Војдан една титула освои со Фени Индустри и четири со МЗТ Скопје. Дамјан е единствен кој освојуваше трофеи со двајцата браќа во тимот.
Ако се земат предвид и пехарите од Купот на Македонија, бројката на трофеи во семејството Стојановски ќе се искачи до 48, а тука се уште бројни индивидуални признанија, како МВП во првенството и Купот на Македонија.


