Хрватскиот репрезентативец Бојан Богдановиќ вчера објави крај на играчката кариера и со тоа замина во пензија по над 20 години на кошаркарските терени како професионалец.
Неговата одлука беше топ-тема во хрватската кошарка и многу клубови му испратија честитки за фантастичната кариера и му посакаа успех во натамошниот дел од животот. Меѓу оние што го направија беше и неговиот поранешен клуб Цибона, но токму загрепскиот тим на социјалните мрежи направи неверојатна грешка.

Место да му се обрати на Бојан, Цибона објави дека во пензија заминува БОГДАН Богдановиќ кој е српски репрезентативец и во моментов е член на Лос Анџелес Клиперс. Бојан Богдановиќ беше член на Цибона од 2009 до 2011 година, освои и една шампионска титула во Хрватска и затоа гафот што го направи некогашниот европски шампион е уште поголем.
Грешката стоеше на профилите на Цибона извесен период, а потоа, веројатно по нечија сугестија името беше поправено.


