Македонската кошаркарска репрезентација денеска одржа прес-конференција пред утрешниот натпревар против Романија, на стартот од претквалификациите за Светското првенство.
Селекторот Марјан Илиевски им честита на кошаркарите за успешните подготовки и посака енергијата од тренинзите да ја пренесат на утрешниот меч.
„Не смееме да гледаме на работите еуфорично. Овие играчи кои во моментот се присутни во репрезентацијата се кошаркари кои што со гордост ќе го носат дресот во утрешниот натпревар и тоа што го прикажуваат во моментов е една сосема нова енергија. Верувам дека тие ќе го дадат својот максимум и ова се играчи кои носат промени по подолг временски период. Овие момци како квалитет имаат енергија, младост и желба за победа, кои ќе бидат присутни на утрешниот меч“, кажа Илиевски.
Утрешниот натпревар ќе биде негово официјално деби на селекторската позиција што ќе значи почеток на една нова ера во македонската сениорска репрезентација.


