Македонската кошаркарска репрезентација вечерва официјално ги почнува претквалификациите за Светското првенство во 2027 година.
Новиот циклус го пречекуваме во драстично изменета ситуација во однос на последната репрезентативна акција, пред пет месеци. На клупата ќе има нов селектор и стручен штаб, а на теренот само неколкумина од оние кои во февруари има се спротивставија на Естонија и Полска. Сега за противници ги имаме Романија и Унгарија, а пласман во главната рунда од квалификациите за Мундијалот обезбедуваат само најдобрите две репрезентации.
Како наследник на Александар Јончевски, на селекторската позиција беше назначен Марјан Илиевски кој се соочи со низа проблеми при составувањето на тимот. Откажаа најдобрите кошаркари, па делумно и принудно беше извршено подмладување на репрезентацијата. Највозрасен во овој тим е натурализираниот Џејкоб Вајли со 31 година, зад него се Андреј Магдевски и Адем Мекиќ со 29, а потоа следуваат голем број кошаркари на 25 и помалку години. По 18-дневни подготовки во Скопје, Гевгелија и Куманово, репрезентацијата вечерва од 20 часот ја пречекува Романија во својот прв натпревар од циклусот. Во пресрет на денешниот меч, нашиот национален тим одигра два подготвителни натпревари, против Швајцарија и триумфираше на нив.
Македонската репрезентација досега само еднаш не успеала да ги мине претквалификациите за големо натпреварување и тоа во 2017 година кога беше во група со Естонија и Косово. Со Романија имаме позитивен биланс и тоа во претквалификациите за Европското првенство што се одржа во 2022 година. Судии на вечерашниот натпревар кој се игра во Куманово ќе бидат Јоргос Пурсанидис од Грција, Јенер Јилмаз од Турција и Венцислав Великов од Бугарија.


