Македонската репрезентација доживеа пораз во првото коло од претквалификациите за Светското првенство во 2027 година откако на домашен терен загуби од Романија со 72-80.
Драстично подмладената селекција на Македонија 39 минути беше во игра за победа, но не можеше против неверојатното шутерско шоу на противникот. Романците погодија дури 12 тројки што на оваа репрезентација ѝ се случува премногу ретко, дури и со послаби противници од нашиот национален тим. Безмалку половина од поените, гостинската селекција постигна од удари од далечина што секако беше клучен момент на натпреварот.
Романската репрезентација подобро го почна натпреварот, по два офанзивни скока погоди две тројки и поведе со 6-0, а на нашите кошаркари им беа потребни неколку минути за да се вклопат во атмосферата и да почнат да играат како што знаат. Кога се дојде на свое место, со серија од 9-0 го презедоа водството и поведоа со 16-12, а предност имаа и по првата четвртина (18-17). Слично се одвиваше резултатот и во вториот период во кој главно противникот се наоѓаше во позитива, но со неколку серии Македонија успеваше да се врати во игра и да поведе.
Така беше се до финишот од мечот кога дојде клучниот период. По 61-56 за Македонија, Романија постигна четири тројки и во комбинација со неколку реализирани напади со шут од полудистанца, дојдоа до посакуваниот триумф.
Џејкоб Вајли беше убедливо наш најдобар кошаркар, постигна 28 поени и 12 скока за индекс 39. Освен противничкиот шут, еден од главните елементи беше скокот, особено во нападот, а Романците имаа дури 14 прифатени топки повеќе. На Македонија сега ќе ѝ биде потребна победа од најмалку осум поени разлика на гостувањето во Орадеа за десетина дена што ќе биде екстремно тешко.


