Новиот селектор на македонската репрезентација Марјан Илиевски смета дека малку недостасувало нашиот тим да дојде до триумф против Романија.
До самиот финиш нашата селекција беше рамноправна, но не издржа во последните моменти кога противникот постигна неколку важни поени.
„Искрено жалам за поразот бидејќи мечот беше решен во последните две минути. Игравме егал, двете селекции се менуваа во водство и решија две загубени топки и промашени чисти позиции. Пред мечот најавив дека најголем проблем ќе ни биде скокот, имаме 25 примени поени од втора шанса и тоа е еден од клучните фактори за поразот.
До израз дојде неискуството и тоа во нападот. Секој сака да победи, но пред оваа селекција има иднина и јас се надевам дека наскоро ќе дојде резултатот. Очигледно е дека имаме проблем на плејмејкерската позиција, како и кошаркар на 4 каде играат Вајли и Хот, но задоволен сум од залагањето на сите. Можеби ќе беше подобро ако играчите имаа поголема минутажа во своите клубови, но на тоа ќе треба да работиме во иднина.
Задоволен сум од тоа што екипата има победнички карактер, никогаш не сме разговарале дека ние хендикепирани затоа што сме помлади“, рече Илиевски.


