Финалистите од последната сезона во македонскиот кошаркарски плејоф МЗТ Скопје и ТФТ во септември заедно ќе учествуваат на меѓународен турнир што ќе се одржи во Бугарија.
Домаќин ќе биде Рилски спортист во Самоков, а за овој тим тоа ќе биде генерална проба за квалификациите во Лигата на шампионите кои ќе се одржат во истиот град, неколку дена подоцна. Турнирот е на програмата од 13 до 15 септември, а покрај ТФТ, МЗТ Скопје и Рилски спортист, ќе учествува уште еден бугарски клуб – Балкан.
Скопските екипи сигурно ќе настапат заедно на уште еден турнир, овој во организација на ТФТ. Станува збор за турнирот „Андреј Тафта“ кој ќе се одржи на 20 и 21 септември, а клубот од Тафталиџе наскоро ќе ги објави останатите два учесника. Во комбинација е полскиот прволигаш Џики Варшава чиј член е поранешниот играч на ТФТ, Лендриус Хортон, потоа еден унгарски клуб и македонскиот Кожув.
Со подготвителни натпревари ТФТ ќе почне на 5 септември кога во Солун ќе се сретне со ПАОК, а МЗТ Скопје наскоро ќе го објави целосниот план на подготовки. Познато е дека ТФТ и МЗТ Скопје претстојната сезона ќе ја претставуваат Македонија во АБА 2 лигата.


