Актуелниот вицешампион на Македонија, ТФТ планира силни тестови во пресрет на новата сезона во која, меѓу другото, ќе се врати во АБА 2 лигата.
Подготовките на тимот од Тафталиџе официјално стартуваат на 20 август, но на првите тренинзи ќе биде присутна само половина екипа. Пет дена подоцна се приклучуваат тројцата репрезентативци Ташовски, Василевски и Стојаноски, а на 26 август се очекуваат и странските кошаркари.
Направен е и планот на натпревари кој вклучува најмалку четири меѓународни дуели и силни тестови со домашни ривали. ТФТ почнува на 3 септември со дуел против десеткратниот шампион на Грција, Арис кој во новата сезона ќе влезе со нов тренер – довчерашниот помошник на Жељко Обрадовиќ во Партизан, Богдан Караичиќ. Два дена подоцна следува дуел со ПАОК предводен од Јуре Здовц, а македонскиот вицешампион четири дена ќе престојува во Солун каде ќе ги одигра двата меча.
По враќањето од Грција, ТФТ оди на меѓународен турнир во Бугарија, од 13 до 15 септември на кој ќе учествува заедно со МЗТ Скопје, Балкан и домаќинот Рилски спортист. На 18 септември во Скопје ќе гостува косовскиот прволигаш Пеја, а на 20 и 21 септември во Кале ќе се одржи уште еден силен турнир, во организација на ТФТ на кој ќе учествуваат уште МЗТ Скопје, Работнички и Кожув.
Во зависност од потребите, можно е да биде организиран уште некој пријателски меч со домашен противник. Македонското кошаркарско првенство е планирано да стартува кон крајот на септември, а првиот меч во АБА 2, ТФТ го игра на 14 октомври против Цибона во Загреб.


