По минатонеделниот пораз на домашен терен од Романија, сениорската репрезентација на Македонија вечерва го игра својот втор натпревар од претквалификациите за Светското првенство во 2027 година.
Нашиот национален тим гостува во Солнок кај Унгарија, во надеж дека ќе дојде до првиот триумф во овој циклус. И покрај поразот од Романија, за македонската репрезентација ништо не е загубено бидејќи евентуален триумф вечерва ќе ја врати во игра за едно од првите две места на крајот од претквалификациите.
Унгарската селекција, како и македонската, е во процес на реконструкција откако од неа се откажаа неколку важни кошаркари, пред се поранешниот член на Реал и Барселона, Адам Ханга. Тоа беше и причината оваа репрезентација да не успее да ги мине квалификациите за Европското првенство иако во своите редови се уште има голем број искусни кошаркари, пред се 34-годишниот Давид Војвона кој е лидер на овој тим и натурализираниот Нејт Руверс кој настапува за Валенсија. На дуелите со Романија, Унгарците имаа еден куп пропусти кои нашите кошаркари би можеле да ги искористат за да дојдат до триумф.
Македонската репрезентација замина за Унгарија уште во средата и имаше време да се аклиматизира и да се подготви за денешниот дуел. Синоќа од 18 часот го одржа главниот тренинг, а кошаркарите тренираа и претпладнево.
„Против Унгарија, треба да се држиме до планот, да играме агресивно во одбраната. И најбитно, да заградуваме под кошевите, бидејќи тоа беше најважната причина, зошто го загубивме натпреварот против Романија. Секако дека очекувам победа, бидејќи верувам дека можеме повеќе да дадеме. И мислам дека од тренинг во тренинг растеме бидејќи сме нова, млада екипа, така што очекувам се подобри и подобри резултати понатаму“, вели еден од најмладите во македонската репрезентација Андреј Митревски.
Натпреварот меѓу Унгарија и Македонија се игра вечерва од 18 часот. Победникот ќе биде чекор поблиску до пласман во квалификациите за Светското првенство.


