Сениорската репрезентација на Македонија денеска го игра третиот натпревар од претквалификациите за Светското првенство во 2027 година.
Противник на нашиот национален тим е Романија која пред 11 дена не победи во Куманово и драстично ни ги отежни шансите за пласман во следната рунда. По поразот од Унгарија во саботата со 38 разлика, македонската репрезентација нема друг избор, освен денеска да победи ако сака да остане во игра за пласман на едно од првите две места на табелата во групата.
Тоа нема да биде воопшто лесно бидејќи Романците и против Унгарија минатата недела покажаа дека се сериозен колектив во оваа конкуренција. Со евентуален триумф денеска, романската репрезентација ќе го потврди пласманот во квалификациите за Мундијалот, а нашата селекција ќе ја испрати чекор назад, во првата фаза од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година. Всушност, во таков случај за Македонија само теоретски шанси, Унгарија в сабота да загуби од Романија, а потоа ние да ја победиме со 39 или повеќе поени разлика.
Во пресрет на овој дуел, селекторот на македонската репрезентација Марјан Илиевски направи две промени во составот, во обид да внесе свежина во екипата. Своја шанса ќе очекуваат Миловановиќ и Василевски, а на трибина ќе се преселат Мекиќ и Тома Стојаноски, заедно со Марко Луканоски.
Натпреварот меѓу Романија и Македонија се игра во Орадеа од 18 часот, а за судии се назначени: Мартинс Козловскис од Летонија, Никола Местре од Франција и Ивор Матејек од Чешка.


