Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ беше најдобар поединец во редовите на Зенит во полуфиналниот дуел со Дубаи и е најзаслужен што неговиот тим обезбеди пласман во финалето од ВТБ Суперкупот.
За Димитријевиќ ова беше деби за тимот од Сант Петерсбург кој по голема борба и пресврт, вечерва славеше со 107-103. Гостинот на Суперкупот имаше предност од 19 разлика, во последната четвртина водеше со 11, како и нешто подоцна во тој период (90-79), а на четири минути пред крајот и со 96-89.
Зенит не се предаде и на околу две минути пред крајот успеа да израмни на 101-101, а во последната минута, по тројката на Фрејзер и да поведе со 105-103. Џанан Муса во следниот напад ја загуби топката, па Фрејзер од линијата за слободни фрлања стави точка на мечот.
Димитријевиќ беше втор стрелец кај Зенит со 23 поени од кои 13 во третата четвртина, а додаде и 8 асистенции и 4 скока за индекс 33, највисок во својот тим. Во мечот за трофејот, Зенит утре ќе се сретне со ЦСКА која ја прегази Црвена Звезда со 89-67.


