Тимот на Ангели пропушти голема шанса да ја оствари првата победа во сезоната откако вечерва на домашен терен загуби од Гостивар со 86-91.
Повратникот во елитната конкуренција повеќе од три четвртини го диктираше темпото, имаше предност и од 18 разлика, но не успеа да ја задржи концентрацијата во финишот и испушти можност за триумф. Во последниот период Ангели влегоа со предност од 12 поени (69-57), ама ни тоа не беше доволно да се израдуваат на крајот.
На сцена во последната четвртина стапи кошаркарот на Гостивар, Глен Абрам кој одигра извонредни 10 минути. Во нив постигна неверојатни 23 поени, вклучувајќи пет тројки и буквално сам го избори пресвртот. Во клучните моменти на сцена стапи и ветеранот Младеновиќ кој при резултат 86-86 погоди тројка на која Ангели не успеаја да одговорат.
Абрам на крајот беше убедливо најефикасен со 34 поени, додека Теон Богатиновски ги предводеше Ангели со 21 поен.


