Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје ја оствари втората победа во домашното првенство откако во последниот меч од второто коло го совлада Феникс со 91-76.
Сценариото по кое дојде до денешниот триумф за МЗТ беше ист како во дуелот со Вршац. Одигра бледо прво полувреме во кое губеше и со двоцифрена разлика (14-24), а безмалку во сите 20 минути беше во негатива. Феникс во тоа прво полувреме играше одлично, но кога МЗТ ја стопи негативата и се избори за нерешен резултат на полувреме (43-43), стана јасно дека тешко ќе успее да се одржи на такво ниво до крајот.
Тоа се потврди во почетните минути од третата четвртина која МЗТ ја отвори со серија од 13-2 и поведе со 56-45. Нешто подоцна беше и 64-50, па шампионот потоа само рутински го приведе мечот кон крајот.
Последното засилување Мак Смит беше најефикасен кај МЗТ Скопје со 25 поени, Мекејден постигна 15, а Војдан Стојановски 11. Рахама со 21 поен и 9 скока го предводеше Феникс за кого Златевски додаде 15 поени.


