На нешто повеќе од еден месец пред стартот на првата фаза од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година, познато е каде ќе ги одигра македонската репрезентација првите два натпревара од циклусот.
Дуелите се на програмата пред крајот на ноември, во првото коло нашиот национален тим го пречекува Азербејџан, а во второто коло гостува во Ирска. Кошаркарскта федерација на Македонија одлучи дуелот против Азербејџан, на 27 ноември од 19 часот, да се одигра во СРЦ Кале кој е база на репрезентацијата и таму ги одржува подготовките.

Вториот меч од ноемврискиот „прозорец“ е на програмата три дена подоцна од 18 часот, а Ирска ќе не пречека во Националната кошаркарска арена во главниот град Даблин. Последните години Ирците редовно таму ги пречекуваат своите противници, салата има капацитет од 2.500 места, но ретко доаѓаат повеќе од 1.500 гледачи и не се прави многу жешка атмосфера.

Натпреварот во овој циклус ќе биде прв меѓу кошаркарските репрезентации на Македонија и Азербејџан во историјата, додека нашата селекција по четврти пат ќе се сретне со Ирска. Македонија води со 2-1, а сите три дуели се во периодот од 1995 до 2002 година.


