Пред утрешното гостување во Гевгелија, екипата на Гостивар направи мала промена во својот состав.
Дел од тимот повеќе не е американскиот интернационалец Џадериус Итмон кој ги одигра првите два меча и на нив постигна вкупно 10 поени (5 по натпревар), а на теренот помина едвај 10 минути. На негово место, во Гостивар се сели поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Леонид Тодоровски кој со ова се враќа во македонската кошарка по годината помината во Шпанија и Италија.
Тодоровски, кој е висок 209 сантиметри и веќе искусен играч со 27 години, треба да ја засили центарската линија на Гостивар и да помогне во остварување подобри резултати. Интересно е тоа што Тодоровски ќе дебитира против Кожув, последниот тим во кој настапуваше пред да ја напушти Македонија.
По првите две кола од новата сезона, Гостивар има по една победа и пораз бидејќи загуби од Тиквеш на домашен терен со 67-81, а потоа ги победи Ангели во Скопје со 91-86.


