На препорака на Министерството за внатрешни работи, а поради локалните избори што се одржаа во текот на викендот, во Македонија воопшто не се играше кошарка, па денеска продолжува првенството во машка конкуренција, со три натпревари.
Третиот круг е на програмата од денеска до петок, а ќе се развлече поради меѓународните обврски на МЗТ Скопје и Пелистер кои играат во АБА 2, односно ФИБА Европа купот. Во недостаток на класичен дерби дуел, најинтересно се очекува да биде во Кале каде Работнички ќе го пречека Тиквеш во пресметката на поранешните шампиони.
Поради тоа што не успеа да добие дозвола за регистрација на странските кошаркари, Работнички во првите две кола играше некомплетен и доживеа катастрофални порази и со кош разлика -70 се наоѓа на последното место на табелата. Во меѓувреме странците се регистрирани и Владимир Мирковски првпат сезонава ќе може да смета на сите кошаркари, поради што се надева на прва победа во шампионатот. Тиквеш досега оствари по една победа и пораз, славеше на гости кај Гостивар, а загуби дома од Кожув во драматичен натпревар.
Покрај дуелот во Кале, интересно може да биде во Чаир каде истоимениот тим го пречекува градскиот ривал ТФТ.
ДВОЈКИ ЗА 3. КОЛО
ДЕНЕСКА
Кожув – Гостивар 18:00
Работнички – Кожув 18:00
Чаир – ТФТ 19:30
СРЕДА
МКК Куманово – Феникс 20:00
ПЕТОК
Ангели – МЗТ Скопје 18:00
Пелистер – Маџари 19:00


