Екипата на Работнички ја оствари првата победа оваа сезона откако вечерва на домашен терен го совлада Тиквеш со 99-87.
Тренерот Владимир Мирковски дочека на располагање да ги има сите кошаркари, првпат од почетокот на првенството и тоа веднаш донесе резултат. Можеше да смета на девет кошаркари кои го понесоа товарот на овој меч и покажаа дека Работнички има на што да се надева сезонава.
Сепак, победникот на овој меч се решаваше во последната четвртина, поточно во финалните шест минути. По поените на Џексон, Тиквеш се доближи на 77-78, Алстон погоди еден „пенал“ на спротивната страна, потоа Ефремовски постигна тројка, а положувањето на Бошалески беше последниот знак на живот на Тиквеш. Со серија од 6-0 Работнички отиде на 88-79, а по тројките на Ефремовски и Томпсон, домашниот тим направи предност од недостижни 13 разлика на нешто повеќе од минута пред крајот со што беше ставена точка на сите дилеми околу победникот.
Хетсон со 22 поена и 8 скока беше најдобар играч на Работнички, Ѓуроски и Ефремовски постигнаа по 19 поени, а домашмната екипа погоди дури 15 тројки што беше еден од клучните елементи за победата. Дес го предводеше Тиквеш со 21 поен, а еден помалку постигна Андерсон.


