Финалистот во Купот на Македонија од минатата сезона Кожув има две победи на трите меча во првенството оваа сезона и двете се остварени на идентичен начин.
Откако пред десетина дена го совлада Тиквеш во Кавадарци со 72-70, вечерва гевгелискиот тим беше подобар од Гостивар со 73-72 иако на двата натпревара беше на милиметри од пораз. И на претходниот натпревар и денеска, херој на Кожув беше американскиот интернационалец Родни Пурвис кој погоди тројка во последната секунда за победата на неговиот тим.
Гостивар беше во водство во најголемиот дел од мечот, отвори со 11-0, а во последната четвртина водеше и со 67-60 и тоа на нешто помалку од четири минути пред крајот. Кожув успеа да се врати во игра, намали на 70-71, но Карахоџиќ можеше да стави точка на мечот на околу пет секунди пред крајот кога доби две слободни фрлања. Погоди само едно, Кожув немаше тајмаут, па акцијата мораше да тргне од под кошот. Топката ја зеде Пурвис кој го претрча цел терен и погоди тројка со звукот на сирената за огромна радост во салата „26 Април“ во Гевгелија.
До таа тројка Пурвис немаше којзнае каков натпревар и ако не погодеше ќе завршеше со едноцифрен број поени. Шутираше 4/13 од игра со само 1/6 за два и оствари пет скока и шест асистенции. И покрај лошиот ден, реши да ја преземе одговорноста и на крајот од трагичар излезе херој. Најефикасен кај Кожув беше Николас со 19 поени, а Колев додаде 17.
Кај Гостивар повторно се истакна Абрам кој постигна 21 поен, Карахоџиќ додаде 20, но промаши кога беше најпотребно.


