Вицешампионот на Македонија, ТФТ продолжи со одличните игри оваа сезона и по три кола останува со максимален ефект во Суперлигата.
По Кожув и Работнички, тимот од Тафталиџе денеска го совлада и Чаир на гостински терен со 82-64 и привремено се искачи на челната позиција на табелата на која до петокот можат да го стигнат МКК Куманово, Пелистер и МЗТ Скопје. Ова беше и четврта победа по ред за ТФТ во дуелите со Чаир.
Домаќините на овој меч беа конкурентни само во првите осум минути кога беа на еден посед негатива. ТФТ потоа направи серија од 10-0 и поведе со 33-21 по што победата во ниеден момент не му беше доведена во прашање. Кон средината на третиот период Чаир намали на едноцифрена негатива, но тоа беше се од неизвесноста на овој натпревар.
Дејвис со 24 поени беше најефикасен играч на ТФТ, а Гордон додаде 21. Чаирчани немаа многу расположени кошаркари, Билинсли заврши со 13 поени и 13 скока, а Тачи додаде 12 поени.


