Домот на Кошаркарскиот клуб Работнички во Градски парк наскоро треба да биде реновиран и пуштен во употреба, објави денеска градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Реконструкцијата на салата влегува во завршна фаза, најголемиот дел од работите се изведени и средени, а останува да се постават столчиња и паркетот.
„Реконструкцијата на култната сала ‘Работнички’ е во завршна фаза. Заедно со спортските федерации направивме увид во градежните активности на симболот на центарци, на скопјани, на домот на најтрофејниот кошаркарски клуб. Во салата ‘Работнички’ поставен e централен семафор, а целосно се завршени осветлувањето и озвучувањето во салата. Се комплетираат трибините. Сите приоди се изведени, тоалетите се целосно опремени, се прават подготовки за поставување подно греење, а инсталациите и горниот простор наменет за федерациите се финализираат. По 50 години, Работнички добива нов лик и нови услови за спортски активности, согласно ФИБА стандардите“, објави Герасимовски.
Желбата на сите во Работнички, како и во Општината која е сопственост на клубот, е салата да биде свечено отворена со најголемото дерби во македонската кошарка, против МЗТ Скопје кое е планирано за вториот викенд од декември. Со одлука на Општината, салата, која ќе биде со значително намален капацитет, во иднина ќе го носи името на основоположникот на македонската кошарка Лазар Лечиќ.


