Откако во претходното коло го совлада Тиквеш, екипата на Работнички денеска ја оствари и својата втора победа во сезоната.
Нова жртва на тимот од Градски парк е тимот на Кожув кого Работнички го совлада во Гевгелија со 86-81. Тоа е втор пораз на домашен терен за финалистот во Купот на Македонија од минатата сезона, по оној од ТФТ во воведното коло.
Работнички на овој меч покажа карактер бидејќи успеа да се извлече од -13 колку што беше во втората четвртина (20-33). До полувреме се доближи на 40-44, но Кожув и во третиот период имаше двоцифрена предност (69-58). Со неколку серии во последната четвртина Работнички почна да ја намалува негативата, за на средина од тој квартал дури и да дојде во предност од 73-72. Клучна се покажа серијата од 7-0 која ја отвори Ефремовски со тројка, а по два поена додадоа Томпсон и Хатсон, па на две минути пред крајот гостите имаа 80-73.
Бојчев со тројка на 30 секунди пред крајот на мечот ја врати неизвесноста, намалувајќи на 81-82, но потоа истиот играч направи фаул по кој Алстон погоди две слободни фрлања. Во следниот напад Хатсон го изблокира Колев при шут за тројка, Пурвис мораше да бие од неизградена позиција со истекот на времето и беше непрецизен, па Ѓуроски од линијата за слободни стави точка на мечот.
Томпсон беше најдобар игра на Работнички со 23 поени, Ефремовски продолжи со одличните игри, постигнувајќи 20 поени со пет тројки, а Хатсон оствари дабл дабл со 17 поени и 10 скока. Николас го предводеше Кожув со 25 поени, 7 скока и 5 асистенции. Двете екипи сега се израмнети со 2/2, колку што има и Тиквеш.


