Утре и задутре е на програмата петтото коло од македонската кошаркарска Суперлига, а по првите четири круга, три екипи се на делба на првата позиција на табелата (Пелистер, МКК Куманово и ТФТ) со максимален ефект.
Меѓу нив не е Работнички кој сезоната ја почна некомплетен и во првите две кола доживеа убедливи порази од Пелистер и ТФТ. Подоцна странските кошаркари се приклучија, заиграа и дел од повредените и болните, па тимот од Градски парк славеше против два незгодни ривали – Тиквеш и Кожув.
Тоа што Работнички не беше комплетен му отвори простор на репрезентативецот Виктор Ефремовски уште еднаш да покаже дека е еден од најдобрите шутери во земјава и убиствен поентер кога ќе му се отвори можност за тоа, односно ќе добие поголема минутажа. Тренерот Владимир Мирковски очигледно го препозна тоа, па Ефремовски на сите четири натпревари досега играше по 35 или повеќе минути.
Сето тоа одлично го искористи и во моментов е прв стрелец во Суперлигата со просек од 25,5 поени по натпревар. Одамна не се случило македонски репрезентативец да биде најдобар стрелец во домашното првенство, па дури и да не заврши на чело на листата на најдобрите реализатори, веќе искусниот Ефремовски е вистинско освежување оваа сезона.
На четирите натпревари, тој постигна вкупно 102 поена со дури 21 погодена тројка од 46 шута (45,7%) што е фантастичен ефект. Јасно е дека од Ефремовски ќе зависат многу работи оваа сезона во тимот од Градски парк, а тој е решен да покаже зошто е капитен на Работнички.
Зад Ефремовски, на листата на стрелците се четворица странски кошаркари: Абрам од Гостивар (22,8 поени по натпревар), Брет Томпсон од Работнички (20,5), Прајс од Пелистер (20) и Луковиќ од МКК Куманово (19,5).


