Денеска и утре на програмата е петтото коло од македонската кошаркарска Суперлига во кое има неколку интересни пресметки.
Дербито, сепак, е во „Јане Сандански“ каде шампионот МЗТ Скопје го пречекува МКК Куманово и со тоа ја почнува серијата тешки натпревари во ноември, како на домашна, така и на меѓународна сцена. МЗТ Скопје на терен ги доби сите четири досегашни натпревари, но сепак заостанува два бода во однос на својот денешен ривал поради административната грешка од дуелот со Ангели минатата недела кога службено му беше одземен триумфот и не доби бод за пораз.
МКК Куманово е една од трите екипи, покрај Пелистер и ТФТ, со максимален ефект по четири одиграни кола, но три од своите четири натпревари играше на домашен терен. Реално, за двете екипи ова е прво големо дерби во новата сезона, а тренерот на кумановци Марин Докузовски ќе се обиде по неколку години, односно првпат откако си замина од Работнички, да го победи МЗТ Скопје чиј предводник беше во сезоната 2000/01. Откако МКК Куманово лани влезе во елитната конкуренција, билансот со МЗТ Скопје изнесува 0-5.
Маџари и Чаир, единствените екипи без победа во досегашниот дел од сезоната, ќе се обидат конечно да триумфираат бидејќи играат на домашен терен. Чаир денеска го пречекува тимот на Кожув, а Маџари утре се среќава со Тиквеш во Кале.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
01.11.2025
МЗТ Скопје – МКК Куманово 18:00
Работнички – Гостивар 18:00
Чаир – Кожув 19:00
02.11.2025
Ангели – Пелистер 14:30
Маџари – Тиквеш 19:00
Феникс – ТФТ 20:00


